Празник

Политичарите со честитки до верниците за Богојавление-Водици

19.01.2023 13:28

За Богојавление-Водици честитки до верниците и до поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан од државниот врв и политички партии…

Од Светскиот економски форум во Давос претседателот Пендаровски на граѓаните им посака добро здравје, радост, среќа и бериќет. Симболиката на прочистените води нека ни биде мотив за духовно прочистување и инспирација за добри дела. Да негуваме разбирање слога и човекољубие, постојано дарувајќи љубов, грижа и внимание, стои во честитката од шефот на државата до МПЦ-ОА.

Собранискиот спикер Џафери со порака за сплотување на мислите, желбите и изразите на заемна почит и разбирање на сите наши граѓани. Во честитката по повод празникот, порачува да ги отфрлиме предрасудите, стереотипите и да ги отвориме умот и срцето за да најдеме повод за обединување а не за создавање јазови и раздор. Нека водата која е симбол на Богојавление ги однесе сите препреки и тешкотии и нека помогне да со бистар ум и јасна цел донесеме државнички одлуки кои значат живот за Република Северна Македонија, пишува Џафери.

Порака за обединување и од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Денес, заедничко добро е да се осигура мирот и да се обезбедат егзистенцијата и просперитетот со разбирањето, грижата едни за други и со заедничка поддршка на развојот, како предизвик и обврска на секој совесен човек и повикани сме сите кон оваа цел да ги вложиме и обединиме нашите стремежи, стои во честитката од Ковачевски.

Овој светол ден е симболот на духовното раѓање и како таков нè потсетува сите нас на духовните вредности кои мора да ги негуваме и врз кои треба да се надградуваме како поединци. Тоа е патот по кој треба да чекориме, затоа што така ќе придонесеме кон подобра лична иднина, но и посветла иднина на Македонија стои во честитката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски до верниците. Нека големиот празник ги обедини граѓаните и нека им даде поголем мотив за борба за подобра иднина, порача Мицкоски.

Викторија Милевска