Бројот на жители во Германија првпат надмина 84 милиони, причина е имиграцијата
Споредено со крајот на 2021 година, бројот на жители се зголемил за 1,1 милион луѓе, а причината е далеку поголем број имигранти во Германија од тие што ја напуштиле.

Германија на крајот на 2022 година имала најмалку 84,3 милиони жители, според прелиминарните проценки направени денеска од Федералниот завод за статистика од Визбаден, што е повеќе отколку на крајот на некоја година откако се води статистика.
Сепак, причината не е позитивен наталитет, туку рекордната имиграција.
Споредено со крајот на 2021 година, бројот на жители се зголемил за 1,1 милион луѓе, а причината е далеку поголем број имигранти во Германија од тие што ја напуштиле.
Една од главните причини е војната во Украина, бидејќи огромен број украински бегалци побарале засолниште во Германија. Според претходните податоци, само во првата половина на 2022 година во Германија дошле околу 750.000 Украинци, главно жени, деца и постари лица.
Во соопштението на Заводот за статистика се наведува дека во Германија во 2022 година дошле меѓу 1,42 и 1,45 милиони луѓе повеќе отколку што емигрирале во странство.
