ДАВОС

Песимистички прогнози за светот

19.01.2023 14:16

„Највисоко ниво на геополитичка поделеност и недоверба во последните неколку генерации“ – заклучок на првиот човек на Обединетите Нации, Гутереш. Светскиот економски форум во Давос и годинава посветен на клучните прашања на глобално ниво.

Генералниот секретар на ОН Гутереш со песимистички прогнози за иднината на човештвото. На Светскиот економски форум во Давос изјави дека глобалната состојба е тажна поради серија испреплетени предизвици, со акцент на климатските проблеми и руско-украинскиот конфликт.

„Прекини во синџирите за снабдување, енергетски удар, превисоки цени, зголемени каматни стапки, инфлација и долгови кои ги погодуваат ранливите земји. По сè што поминавме, не ги научивме ни лекциите од здравството. Воопшто не сме подготвени ни за наредните пандемии“, изјави генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

Според првиот човек на ОН, за разлика од војувањата на другите фронтови, во битката против природата, човекот може само да доживее пораз.

„Заложбата за ограничување на растот на температурата од 1,5 степени веројатно нема да се оствари. Ако не дејствуваме, одиме кон раст од 2,8 степени, а последиците, како што веќе знаете ќе бидат катастрофални. Минатата недела дознавме и дека одредени производители на фосилни горива уште во 70-тите години знаеле дека нивните основни продукти ни ја „печат“ планетава. И тие како и тутунската индустрија си ја прегазија сопствената наука“, нагласи Гутереш.

За критичарите, политичарите на четиридневниот настан се лицемерни бидејќи зборовите не ги претвораат во дела, алудирајќи на приватните авиони со кои дојдоа до Швајцарија и кои испуштаат штетни гасови.

„Потребна ни е поагресивна политика од оваа досега. Потребни ни се иницијативи за употреба и на конвенционалното отстранување на јаглерод диоксидот, како оној на земјата со пошумувањето на почвата, но и проширување и развивање на нов метод. Иновативноста е вистинскиот предизвик. Како да ги подобриме технологиите? Како да бидат достапни? И како да ги унапредиме брзо? Слично на она што го направивме со ковид вакцините, или интернет технологиите, градењето бродови и авиони во Втората светска војна. Тие технологии треба да се развиваат брзо за да бидат корисни за климата“, изјави Грег Немет, професор по општествени науки, Универзитет во Висконсин-Медисон.

Најновите податоци покажуваат рекордно високи температури на Гренланд во последните илјада години. Вината за овој тренд научниците ја бараат во климатските промени, кои според нив, се предизвикани од луѓето.

Маја С. Филдишев