Се празнува Богојавление-Водици, светиот крст положен во сите водотеци
Православните христијани го празнуваат Богојавление-Водици. Поглаварот на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, го спушти крстот во водите на Вардар…

Точно напладне поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан од мостот „Слобода“ го положи крстот во водите на реката Вардар. Од околу 130 пријавени учесници, годинава најсреќен беше Христијан Нинески од населбата Козле. На сите им посака здравје и среќа. Од архиепископот Стефан, градоначалничката Арсовска и кумовите доби подароци.
Со поздравот „Бог се јави, навистина се јави“, православните верници го празнуваат Водици, денот кога синот божји бил крстен во реката Јордан. Се верува дека оној што прв ќе стигне до светиот крстот, во текот на целата година ќе го прати добро здравје и бериќет. Верниците кои ги анкетиравме велат дека овие празници се моменти кога треба да бидеме сплотени.
Одбележувањето на празникот почна со божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Во духот на традицијата беа осветени водите во повеќе градови низ земјата. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте „некрстени денови“, туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Василица и други празници.
Андријана Ѓурческа
