Калкулации за уставните измени
За дваесеттина дена почнуваат консултациите за уставни измени. Владата очекува единство и консензус. ВМРО-ДПМНЕ, пак, не прифаќа. Мицкоски тврди- пратеници од власта се под притисок. Од СДСМ став – нема притисоци, ниту пак ќе има распуштање на Собранието…

Не престануваат партиските калкулации за уставните измени. Владата најавува дека консултациите ќе се актуализирани во следните неколку недели, најпрво на дебати со граѓанските организации и со експерти, а потоа во Собранието, во однос на нивното политичко значење. Власта очекува единство и консензус за отворање на Уставот, со цел да не запре европскиот пат. Од ВМРО-ДПМНЕ децидни, нема поддршка за уставни измени. Приоритет според Мицкоски се предвремените избори во мај. Според лидерот на партијата, пратеници од парламентарното мнозинство се под притисок на како што рече, криминални структури, под контрола на СДСМ и ДУИ. Мицкоски се надева дека тие ќе останат доследни на позициите и ќе ги издржат притисоците, бидејќи вели, борбата за Македонија нема цена.
„Не би имало човек во парламентот, рационален човек којшто и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи којшто, високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници. Јас сум убеден дека тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена, а криминалците еден ден ќе зажалат за ова што го прават“, рече Мицкоски.
Исплашен за својата фотелја во белиот дворец, Мицкоски се заплетка во сопствените лаги. Затоа на голем православен празник мора да пласира нови лаги, реагираа од СДСМ.
„Кога очигледно нема ни близу 61 пратеник за распуштање на Собранието, Мицкоски мора да пласира нови лаги, за наводни притисоци врз пратеници. Не доликува на било кого, најмалку на политичар, верските празници да ги третира како мека за лажење на народот“, велат од СДСМ.
Алијансата за Албанците викендов ќе решава дали ќе почнат формални преговори за влез во Владата. Во спротивно ќе бидат неопходни предвремени парламентарни избори. Пред состанокот на Централното собрание, претседателот на Алијанса, Арбен Таравари ќе има средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер, што во партијата се толкува за клучно каде ќе натежне одлуката.
Наспроти единствената позиција на Ковачевски и на Ахмети за проширување на владиното мнозинство, против влезот на Алијанса во власта остануваат Алтернатива, која одбива да отстапи ресор, но и „огнената група“ од ДУИ и коалицискиот партнер на СДСМ, Демократски сојуз.
Игор Панов
