Расте бројот на заболени од грип
Сезонава бројката на заболени со грип е над 3.000, од кои дури 70 проценти се во првите две недели од јануари...

Сезонскиот вирус не бира возраст, на удар млади и стари, бројките на заболени рапидно растат. Само за една недела, 1.346 пријавени што е дури за 64 проценти повеќе од претходната седмица. Дебар, Крушево и Ресен се градовите со најмногу грипосани, а во општини од истокот пак, нема ниту еден регистриран.
Болницата во „Козле“ и Клиниката за детски болести се полни со пациенти, меѓу кои и потврдени случаи на грип, повозрасните, пак завршуваат на инфективна. Сезонава бројката на заболени со грип е над 3.000, од кои дури 70 проценти се во првите две недели од јануари.
Од Институтот за јавно здравје информираа дека во земјата има широка распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот и тоа само три дена пред стартот на второто полугодие во училиштата. Досега битката со вирусот ја изгубиле тројца пациенти кои имале коморбидитети и не биле вакцинирани.
Лекарите постојано апелираат дека лицата со хронични болести треба да бидат имунизирани. Досега над 54.000 граѓани примиле од бесплатните вакцини, а околу 2.600 од комерцијалните, по цена од 800 денари.
