Воен конфликт

Западот ја зголемува воената помош за Украина

20.01.2023 12:52

САД се подготвени да ѝ испорачаат уште повеќе тешко оружје на Украина. Сепак, германските тенкови „Абрамс“ не се вклучени. Како одговор на испораката на тенкови на Украина, Кремљ во борбите го испраќа рускиот супертенк Т-14 …

Досега најголем пакет воена помош за Украина. Министрите за одбрана и високи воени претставници на коалицијата од 50 земји поддржувачи на Киев, вклучително и Генералниот секретар на НАТО, на состанок во американската воздухопловна база во Рамштајн, Германија. Откако Лондон минатата недела објави дека ќе испрати тенкови „Челинџер 2“ во Украина, Берлин под зголемен притисок од неколку европски соседи за испорака на тенкови „Леопард“.

„Ова е клучен момент. Русија се прегрупира, регрутира и се обидува повторно да се опреми. Ова не е момент за чекање. Време е да се оди подлабоко. Нема да се откажеме и нема да се колебаме во нашата решеност да и помогнеме на Украина да се одбрани од руската империјална агресија“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

Неколку часа пред средбата во Рамштајн, САД, Велика Британија, Шведска и Данска најавија значителни испораки на оружје за Киев. Вашингтон одобри нова воена помош од 2,5 милијарди долари, која вклучува 59 оклопни возила „Бредли“ и за првпат оклопни возила „Страјкер“, но не и испорака на главниот борбен тенк „Абрамс“. Како одговор на испораката на тенкови, Москва најави дека во битките го испраќа рускиот супертенк Т-14.

„Во овој момент нема смисла да им се даде на Украинците Абрамс со кој се наметнуваат повисоки трошоци за одржување. Гледаме дека другите нации продолжуваат да обезбедуваат опрема и материјали за Украина. Еден од главните приоритети на Украинците се повеќе оклопни возила, системи за противвоздушна одбрана“, вели Сабрина Синг, портпарол на Пентагон.

Украинските власти побараа и ракетни системи со дострел поголем од 100 километри за да можат да го погодат рускиот логистички синџир, но, Русија издаде јасно предупредување – испораката на таков вид оружје би значело дека конфликтот достигнува ново ниво. Според Кремљ одлуката за достава на тенкови во Киев ќе предизвика негативни последици за Украина.

„Важноста на таквите резерви не треба да се прецени во однос на можноста за нешто да се промени. Ова ќе и направи проблеми на Украина, но нема да промени ништо во однос на напредокот на руската страна кон постигнување на нејзините цели“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во меѓувреме, група од 15 украински деминери ја заврши еднонеделната обука во Камбоџа. Невладината организација „Монитор на нагазни мини“ во својот извештај за 2022 година ги наведе и Камбоџа и Украина меѓу првите девет земји во светот според бојот на овие експлозивни средства.

Маријана Димовска