Старото училиште во Љубојно станува Центар за промоција на македонскиот јазик
Објектот на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно е изграден во 1907 година на местото кадешто функционирала постара градба со оваа намена уште од 1882 година...

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска го посети старото училиште „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно. Премиерот, за време на посетата, најави дека ова училиште ќе се реконструира и ревитализира во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Зборувајќи за достигнувањата на Владата, премиерот Ковачевски го нагласи и значењето на македонскиот јазик во глобални рамки, набројувајќи го договорот ФРОНТЕКС, потпишан на македонски јазик, како и официјализирањето на македонскиот јазик во ООН и ЕУ.Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на настанот потенцираше дека не го заборавиле старото училиште во Преспа, кое, како што рече, за прв пат почнало со настава на македонски јазик на 15-ти ноември 1944 година.
Објектот на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно е изграден во 1907 година на местото кадешто функционирала постара градба со оваа намена уште од 1882 година. Според исклучителните архитектонски карактеристики, овој монументален објект има фасади декорирани во неокласичен стил со посебно нагласена челна страна, која, во делот на покривот има богато украсен тимпанон. Изградена е во масивен систем, со визба, приземје и кат, просторно расчленет на осум простории. Иако објектот кон крајот на 20. век страдал во пожар, сепак неговиот надворешен изглед, монументалноста и основните конструктивни елементи се зачувани. Покрај неговите исклучителни архитектонски особености, старото училиште „Димитар Влахов“ има исклучителни општествено-социјални и историски вредности со национален предзнак. Имено, во периодот по Втората светска војна, во ова училиште започнува наставата на македонски јазик и тоа е второто училиште, по Подвис каде се практикува наставниот македонски јазик. Оваа зграда не е заштитена како засебно добро, меѓутоа е во режим на заштита од 2020 година, како дел од споменичната целина село Љубојно.
Носител на правото на сопственост на објектот ја има Република Северна Македонија. Со изработката на соодветна урбанистичко-архитектонска документација, ќе се овозможи негова комплетна реконструкција, во смисла на објект за намена на образовна и научна институција-Центар за промоција на македонскиот јазик. Односно, ќе се уреди начинот на користење на просторот, како и условите за градење на градбите, ќе се спроведе важечката планска документација „Општ акт за село Љубојно“, во село Љубојно, Општина Ресен.
Министерството за култура во рамките на својата Годишна програма за финансирање на објекти од национален интерес во културата за 2022 година го финансираше проектот Изготвување на урбанистичко-архитектонска документација за објектот на Старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно во висина од 163.000 денари.
