Намален водостојот на Преспанското Езеро
Невообичаената топла зима, недостигот на дожд и снег дополнително го намалија водостојот на Преспанското Езеро. Состојбата е алармантна, жителите велат мора итно да се преземат мерки за спас на Преспа. Ковачевски вели Владата работи на голем проект за спас на Преспанското Езеро. Продолжува намалувањето на водостојот на Преспанското Езеро, Ковачевски вели се работи на проект за заштита....

Алармантна е состојбата во Преспа. Климатските промени, невообичаената топла зима, недостигот на дожд и снег придонесоа за уште поголемо намалување на водостојот на Преспанското езеро. Дополнително злоупотребата на водата и лошото менаџирање со подземните води, го забрзуваат исчезнувањето на природниот басен. Со години водостојот опаѓа. Природното езеро се соочува со сериозна еколошка катастрофа.
„Доток на вода нема доволно заради тоа што, гледате и оваа зима се соочуваме со високи температури. На 900 м надморска височина ние немаме воопшто снег. Температури над 16 до 20 степени“, вели Андреа Секулоски, земјоделец од Преспа.
Нивото на Преспанското езеро е намалено за 9 метри, а крајбрежната линија е повлечена за 3,5 км. Голем дел се излива и во Охридското Езеро. Екологистите алармираат, потребна е итна реакција.
„Најмалку 20 години, не сега последните 7 или 10 години, оние ископините каде што се и во книги запишани каде е повисоко нивото на Преспа, се слева во Охридското Езеро и на тој начин се празни“, вели Лазар Алабакоски, жител на Преспа.
Премиерот Ковачевски вели, државата ќе прави анализа, а потоа ќе презема и конкретни мерки за надминување на состојбата.
„Да се изработи анализа врз основа на која ќе се определат активности и мерки за како да се спаси Преспанското Езеро. Се работи за голем проект“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Употребата на пестициди за овоштарниците, дополнително придонесува за размножување на алгите, а поради збогатен фосфор и азот, изумира ендемичниот жив свет во Преспанското езеро. Видливоста на водата е намалена од 30 до 70%.
Соња Рилковска
