Штип

Лекарите апелираат родителите да ги вакцинираат децата против морбили

21.01.2023 13:46

Родителите да ги вакцинираат децата против морбили затоа што процентот на вакцинирани деца е далеку под посакуваниот, велат лекарите. Просекот на имунизирани деца со прва доза во моментот е 72 насто, што не гарантира стабилна епидемиолошка состојба. Реална е опасноста од епидемија од морбили каква што имавме во 2019 година...

Според опфатот на имунизирани деца со прва доза на МРП вакцина, Македонија е на чекор до епидемија од морбили. Стабилна епидемиолошка состојба се постигнува со опфат на имунизација над 90 насто на национално ниво. Во моментот бројките се далеку помали.

Недовербата на родителите кон оваа вакцина, плус Ковид пандемијата резултира со значително намалување на опфатот со прва доза на вакцината против морбили, рубеола и паротитис која се аплицира на возраст од една година. Опфатот со прва доза во Штип е околу 75 насто, а има општини каде процентот е многу помал.

За сега во државата нема регистрирано случај на заболен од морбили, но опасноста е зголемена заради присуството на болеста во регионот. Во Србија веќе морбилите се шират, а алармот го вклучи и Црна Гора. Се работи за една од најзаразните болести од кои најзагрозени се малите деца, старите и лицата со имуно-компромитирачки болести.

 

Славица Величковска