Кремљ: Тенковите од Западот нема да го сменат текот на војната
Киев бара оружје од Западот, Кремљ порача - тенковите нема да го сменат текот на војната. Турција повторно понуди да биде посредник во преговорите меѓу завојуваните страни. Белорусија и Русија на заеднички вежби кои ќе траат до први февруари. Идниот месец, Кина и Јужноафриканска Република на маневри со силите под команда на Москва.

Киев да се воздржи од поголема контраофанзива додека не добие ново модерно оружје, му порачаа високи американски функционери на украинскиот државен врв откако во воената база во Рамштајн, Германија, не беше донесена одлука за тенковите „Леопард 2“.
„Тенковите овозможуваат и способност за поефикасно движење на фронтот и имаат голема деструктивна моќ. Совршено е јасно зошто претседателот Зеленски, со оглед на тоа со што се соочува во Донбас и очекувањата за идните недели, бара повеќе тенкови. Во моментов не можам да зборувам за одлуки во однос на дополнителни капацитети или системи како „Абрамс“, но одржуваме постојана комуникација со Украинците за тоа“, вели М. Џон Кирби, советник на Белата куќа за национална безбедност.
Претседателот Зеленски порача дека и натаму ќе се бори да добие тешко вооружување. Девет европски држави веќе дале ветување за ваква помош. На Украина ѝ се потребни најмалку 300 тенкови за да може да го запре руското напредување во Донбас и Запорожје, како и за контраофанзивата на југоистокот.
„Министерот Остин Лојд го претстави наредниот пакет, последниот, овој од 2.5 милијарди нова муниција која е важна за нас. Ни треба уште нешто, но нема да зборувам за тоа пред камерите“, изјави Зеленски.
Кремљ порача, Западот живее во заблуда доколку мисли дека тенковите би го смениле текот на војната.
„Постојано велиме дека тие набавки нема да можат да сменат суштински ништо, туку само ќе им додадат проблеми на Украина и украинскиот народ. Експертите знаат многу добро кои проблеми доаѓаат со овие достави. На тенковите им треба одржување и поправки“, истакна портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.
ЕУ, во меѓувреме, бара правни механизми за конфискација на замрзнатите руски имоти. Турција повторно понуди да биде посредник во преговорите меѓу Москва и Киев. Белорусија и Русија на заеднички вежби кои ќе траат до први февруари. Наредниот месец, Јужноафриканската Република ќе учествува на десетдневните поморски маневри со Русија и Кина. Најиндустријализираната економија на африканскиот континент е со неутрален став за војната, и не гласаше за ова прашање во ОН.
Маја С. Филдишев
