Кракен, нова страница во борбата со Ковид
Новиот сој на коронавирусот „кракен“ веројатно веќе е присутен во земјава. Се чека официјална потврда. Епидемиолозите очекуваат со почетокот на второто полугодие да расте бројот на заразени, но додаваат дека нема простор за паника, зашто дава лесна клиничка слика. „Кракен“ има нови мутации коишто му помагаат да го избегне нашиот имунитет и е позаразен од омикрон...

Новиот позаразен сој на коронавирусот кракен веројатно веќе е присутен и циркулира меѓу населението во земјава, оценуваат епидемиолози. Според доктор Олумчев, патувањата за зимскиот одмор се причината зошто овој сој од соседството со голема веројатност се префрлил кај нас. Тој очекува за една до две недели по стартот на второто полугодие, бројот на заразени да се зголемува.
„Децата, средношколците и нивите семејства, отидоа на зимување поголемиот дел. Посетија држави во околината каде што има ски центри, таму има мешање на луѓе од разни земји во кој повеќе циркулира вирусот. Многу е очекувано дека тој е веќе донесен во нашата земја и дека циркулира во неа. А и самата симптоматологија кажува дека најверојатно го имаме“, изјави епидемиологот д-р Сашо Олумчев.
Иако подваријантата „кракен“ многу побрзо се шири од останатите соеви, сепак симптомите се полесни и не се очекува оптоварување на здравствениот систем.
„Многу е инфективен, можеби ќе има, и ќе има многу заразени. Но, нема да имаме некоја страшна манифестација. Треба да внимаваат секогаш кога ќе добијат висока температура и повраќање, не кај сите соеви се јавуваше повраќањето како симптом, кај овој е типичен симптом. Доколку не е тешка клиничката слика да се остане дом“, вели д-р Олумчев.
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, во втората недела од јануари имало 203 позитивни граѓани на корона вирусот. Регистрирани се и голем број на заразени со сезонски грип. Сепак, од Комисијата за заразни болести велат дека епидемиолошката состојба е стабилна, нема потреба од дополнителни мерки, а второто полугодие ќе почне навреме, односно в понеделник.
Андријана Ѓурческа
