Политика

Разговори за проширување на мнозинството

21.01.2023 18:16

Секоја партија којашто ја поддржува европската иднина е добредојдена во Владата, но со Алијансата за Албанците досега нема конкретни разговори за програмските и кадровските политики, велат од СДСМ. Оттаму очекуваат да се зголеми мнозинството со проевропски блок партии. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека пратеници од редовите на власта трпат закани за да не поддржат предвремени избори.

Секоја партија којашто го поддржува европскиот концепт е добредојдена во владината коалиција – порачуваат од СДСМ. Социјалдемократите и праќаат сигнали на Алијанса, но партискиот портпарол вели дека досега немало конкретни разговори за програмските и за кадровските решенија, иако неделава во медиумите се шпекулираше за ресорите коишто би ги добила партијата на Таравари, доколку си подаде рака со премиерот Ковачевски. Во СДСМ очекуваат владејачкото мнозинство да се зголемува.

И додека СДСМ најавува проширување на мнозинството, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се врши притисок врз пратениците од СДСМ и ДУИ кои не се согласуваат со политиките на власта и кои сакаат да делуваат самостојно. Партијата не објави имиња, но наведе дека притисоците се прават, за тие народни избраници да не поддржат предвремени избори.

И додека ВМРО-ДПМНЕ бара напролет да се одржат предвремени избори како единствен излез од ситуацијата, СДСМ категорично ја отфрла таквата можност, давајќи им предност на уставните измени кои треба да се направат до завршувањето на скрининг-процесот.

 

Марина Тонева Стојанова