Протест за поддршка на Христијан Пендиков
Пред зградата на Европската комисија во Софија, неколку здруженија организираа протест за поддршка на претепаниот секретар на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков. Демонстрантите побараа Брисел да ги прекине преговорите со земјава. Официјална Софија уште пред да бидат соопштени информации од Обвинителството за инцидентот и врачи протестна нота на македонската амбасадорка во Бугарија, а момчето со авион беше пренесено на лекување во Бугарија. Османи и Милков утре ќе го посетат Пендиков. Македонскиот совет на амбасадори го осуди нападот...

Европската унија да ги прекине преговорите со Македонија, побараа учесниците на протестот за поддршка на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис трети“ Христијан Пендиков, кој беше физички нападнат пред угостителски објект во Охрид. Од пред седиштето на Европската Унија во Софија, организаторите повикаа да се казнат напаѓачите, но и да се заштитат македонските граѓани со бугарска самосвест. Бугарските медиуми пишуваат дека собир имало и пред Македонскиот културен центар во Софија, каде биле оставени ружи како симбол на непотребно пролеаната крв, но и симбол на љубов.
„Кога некој посегнува по бугарски граѓанин тој посегнува и кон Европската Унија“, рече Костадин Костадинов.
„Ние настојуваме да има ефективни казни затоа нема повеќе да чекаме таму да ни убијат наше момче наш Бугарин. Тоа се наши сонародници кои се тепани и нападнати само поради нивниот етнос“, вели еден од учесниците на протестот.
Пендиков со владин авион беше транспортиран на лекување во Софија. Како што соопшти нашето МНР, македонскиот и бугарскиот шеф на дипломатијата, Османи и Милков в недела ќе го посетат во болница. За инцидентот, бугарското МНР и врачи протестна нота на македонската амбасадорка во Бугарија, уште пред Обвинителството да соопшти детали за инцидентот, а македонските власти го осудија нападот. Обвинителство побара притвор за напаѓачот на Пендиков, кој му се обратил со зборовите „не ти е срам да се пишеш Бугарин“, иако неговото име се поврзува и со кривична пријава за трговија со дрога. Како што соопшти Обвинителството, Пендиков бил нападнат од тројца.
Викторија Милевска
