Куманово

Продолжува трендот на помал број новороденчиња

22.01.2023 12:24

Трендот на иселување не го одминува и Куманово. Во кумановската болница лани се родиле над 800 новороденчиња. Бројка која во споредба со претходните години е значајно помала. Но од здравствената установа посочуваат дека се екипирани, опремени и работат на унапредување на здравствената заштита на родилките, но и нивно враќање од приватните болници...

Куманово е едно од најголемите родилишта во државата, но и градот не го одминува трендот на иселување. Во општата болница лани се родиле 846 деца, што е значајно помал број во споредба со претходните години. Од почетокот на годината пак се родени 45 новороденчиња. Од здравствената установа појаснуваат дека се екипирани и опремени и постојано работат на унапредување на здравствената заштита на родилките.

„Очекуваме да остане бројот на породувања. Дел од пациентките се породуваат и во приватни болници, но сметам дека имаме добри услови за следење на бременоста, за породувањата, токму во нашата болница и да се вратат овде на нашето одделение“, изјави д-р Лидија Јовчевска, раководител на Акушерки оддел.

Здравствената установа е дел од перимак програмата, од мрежата на шест родилишта во државата коишто се обидуваат да ја издигнат грижата и намалувањето на смртта кај новороденчињата и доенчињата. По укинувањето на ковид протоколите почна со работа и школата за родителство.

Акушерското одделение од општествено одговорна компанија доби донација лед лампа, ЦТГ апарати за близначка бременост и гинеколошки хидрауличен стол. Надлежните од болницата очекуваат со опремата да се подобри квалитетот на следење на бременоста, особено на близначката бременост.

 

Елена Георгиевска