Француско-германски самит
Франција и Германија во нов обид да ги надминат несогласувањата околу повеќе прашања во период на војна на европскиот континент. Самитот се одржува на годишнината од договорот кој беше потпишан пред шест децении од тогашниот француски претседател Де Гол и западногерманскиот канцелар Аденауер кој ги постави темелите на нивното партнерство по Втората светска војна...

Министерски состанок меѓу Франција и Германија во Париз на 60-годишнината од Елисејскиот договор кој ги смири соседите и некогашните непријатели. Во фокусот на агендата на двете рунди разговори на Сорбона – војната во Украина, економијата, одбраната и европската политика. Германскиот канцелар Шолц, францускиот претседател Макрон и членовите на владејачките мнозинства во двата парламента во нов обид да ги надминат несогласувањата со заедничка декларација за иднината на Европа.
Последните недоразбирања се однесуваат и на контроверзниот пакет на Шолц од 200 милијарди евра за поддршка во енергетиката, кој беше најавен минатата есен без претходно да се вклучи француската влада. Отпорот на Берлин да му испорача на Киев тенкови „Леопард 2“ го зголеми притисокот врз германската влада откако западните челници во базата Рамштајн не постигнаа согласност околу ова прашање. Канцеларот Шолц ја условува испораката на своите тенкови со достава на американските тенкови „Абрамс“.
Париз инсистира ЕУ да ги ублажи правилата за државни субвенции за да се забрза нивното распоредување, да се олесни поддршката за инвестиции и да се формира европски фонд за зелените индустрии. Берлин, пак, смета дека со ова ќе се зголеми долгот на блокот.
Самитот е прв во ваков формат од 2019 година. Состанокот кој беше планиран за октомври беше откажан, а Берлин, како причина, ја наведе потребата за понатамошна координација околу клучните прашања, со акцент на одбраната и енергетиката.
Маја С. Филдишев
