Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, во чест на Ацо Шопов
Отворена Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествуваат 40 учесници од 17 земји, се одржува виртуелно до 28 јануари. Годинешното издание на зимската школа е во чест на македонскиот поет Ацо Шопов, по повод 100 годишнината од неговото раѓање...

Во годината кога се чествува 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, еден од централните македонски личности во 20 век и како поет и како книжевен преведувач, отворена е Третата зимска школа на меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На зимската школа учествуваат повеќе од 40 учесници од 17 земји од светот, a тоа сведочи за интересот за изучување на македонскиот јазик, на што сите треба да бидеме особено горди, рече претседателот на државата Пендаровски.
Великанот Шопов ги постави темелите на мостовите меѓу македонската и завиден број странски култури, а ние како негови потомци имаме обврска тие мостови да ги одржуваме и да ги зајакнуваме, но и да градиме нови, рече Ректорот на Универзитетот „св. Кирил и Методиј“, Јанкуловски.
„Токму странските македонисти и слависти се оние кои овозможија да се оствари идејата дека светот е судбина на Македонија. Преку нивните заложби, македонскиот збор да се чуе и разбере во странските културни средини“, беше речено на отворањето на третата зимска школа на македонскиот јазик.
