Шпанија и Франција ги отстранија сите дилеми

20.01.2023 20:06

Бронзената репрезентација од Мундијалот во 2017-тата беше пред победнички императив, а тоа е тешко бреме против ривали од рангот на „армадата“.

Шпанија го издржа налетот на Словенија и обезбеди четвртфинале на Светското ракометно првенство, а визата за настап во елиминацискиот сегмент ја потврди и Франција. Бронзената репрезентација од Мундијалот во 2017-тата беше пред победнички императив, а тоа е тешко бреме против ривали од рангот на „армадата“.

Шпанија се радуваше над Словенија со 31:26 и со максимални осум бода веќе влезе во битката за медали на едно коло до крајот на групата 1 од главната фаза на шампионатот. Таму ќе биде и шестратниот првак Франција, која очекувано го совлада Иран. Португалците останаа во трка за четвртфинале со триумф над Зеленортска република со 35:23, а Шведска и Исланд ќе играат за првото место во групата 2. Натпреварот којшто е дерби на денот ќе оди во пренос на МРТ-1 и на МРТ-3, а ќе го суди македонската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.