Политика

Ковачевски за инцидентот во Охрид: Обид за одвлекување од нашата европска иднина

23.01.2023 12:38

„Перфиден обид за одвлекување на вниманието од нашата европска иднина. Јас нема да го дозволам тоа“, премиерот Ковачевски за инцидентот во Охрид. Ги осуди насилството и провокациите што ги повредуваат чувствата на Македонците…

Насилство не оправдувам и секогаш ќе го осудам, но ќе ја осудам и секоја провокација којашто ги повредува чувствата на Македонците. Такви провокации се недозволиви, вака премиерот Ковачевски го коментираше инцидентот во Охрид со претепувањето на Христијан Пендиков. Според него, институциите брзо реагирале и верува дека случајот наскоро целосно ќе биде расчистен.

Но, премиерот препозна и перфиден обид за одвлекување на вниманието од нашата европска иднина. Јас тоа нема да го дозволам, порача Ковачевски.

„Јас летово не седев и не преговарав во Брисел со 27 земји членки на ЕУ со едно горко чувство какво што го делеа нашите сограѓани, особено Македонците, во однос на целиот јавен наратив и целата хистерија која беше направена преку провокации од внатре и надвор, и кога заедно со моите колеги носев одлука за европската иднина на државата. За сега да стоиме тука и да гледаме како безмилосно направено насилство, влијае врз сето она кое е сработено и коешто се случува во државата преку овие насилства, практично ја „киднапира“ нашата меѓународна и европска политика. Да бидам многу јасен, јас тоа нема да го дозволам. Нема да дозволам да се одвоиме од европскиот пат на државата“, рече премиерот Ковачевски.