Евроинтеграции

Маричиќ: Од нас зависи дали по ноември ќе продолжат преговорите со ЕУ

23.01.2023 12:44

Скринингот е во напредна фаза и ќе заврши до крајот на 2023-та. Од нас зависи дали ќе почнеме отворање на поглавја со исполнување на условот за уставни промени, вели вицепремиерот за европски прашања Маричиќ. Реферираше пред собраниска Комисија за европски прашања. Пратениците обединети за членство во ЕУ, но со различни видувања за уставните промени…

2023-та ќе биде важна година за завршување на скринингот, за патокази за потребните реформи за приближување кон европските стандарди, но и за обединување на сите чинители во општеството за исполнување на обврската за уставни промени, потенцираше главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ. Од нас зависи дали по ноември ќе продолжат преговорите со ЕУ со отворање на поглавја.

Очекуваме опозицијата да се вклучи во преговорите со донесување закони за реформите, за добрососедските односи што значи и внесување на Бугарите во Уставот, посочи претседателот на собраниската комисија за европски прашања, Адеми.

Пратениците од најголемите партии со различни видувања за уставните измени. СДСМ смета дека одговорноста за исполнување на овој услов е на сите 120 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ дека тоа е обврска на Владата, оти не биле консултирани при преземањето на обврската.

Може да ги одложиме уставните промени, но што добива државата со тоа, само ќе загубиме време и на крај ќе мора да исполниме, беше речено на дебатата на Комисијата за европски прашања.

Ирина Гелевска