За едно полугодие штипските училишта останаа без 81 ученик
Основните и средните училишта во Штип се празнат. Од почетокот на училишната година до сега, приближно четири паралелки, односно 81 ученик е отпишан од училиште. Трендот на иселување трае со години. Оваа состојба, заедно со намалениот наталитет резултира со постојан пад на бројот на ученици во штипските училишта...

Второто полугодие во основните и средните училишта во Штип почна со загреани училници, со редовен превоз и вообичаени отсуства заради актуелните вируси, но и со еден изразен проблем – намалување на бројот на ученици. Од почетокот на училишната година родителите побарале исписници за 81 ученик.
Проблемот е најизразен во основното училиште „Димитар Влахов“ лоцирано во една од најголемите населби со најголем број млади семејства.
Учебната 2022-2023 година во Општина Штип ја почнале околу 4000 основци и помалку од 2000 средношколци во пет основни и шест средни училишта.
Намалувањето најсилно се чувствува кај првачињата. Од планираните 640 деца од евиденцијата на СВР Штип, во септември во клупите на штипските училишта седнале 200 деца помалку.
Славица Величковска
