Втора пресуда за „Титаник 2“, обвинетите најавија жалба
Втора пресуда за „Титаник 2“. По две години затвор за Мијалков, Тачи и поранешните членови на ДИК. Обвинетите најавија жалба. Обвинителот Бубевски задоволен од пресудата. За да не ја одолговлекувал постапката, нема да се жали …

По две години затворски казни им изрече судот на обвинетите Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анита Стефановска за повреда на гласачкото право на изборите во 2013-та година. Со оваа пресуда на обвинетите им се намалуваат казните кои претходно им ги изрече Кривичен, но во декември скопска Апелација ја укина пресудата и „Титаник 2“ го врати во основниот суд.
Сепак, обвинителството е задоволно од ваквите пресуди и нема да поднесе жалба. Обвинителот Бубевски посочи дека е во рамките на она што е предвидено со закон, и ќе се спречи одолжување на постапката за да може Апелација да одлучи и да не дојде до застарување на делото во април.
Но, одбраната не е задоволна од пресудите. Адвокатот на Мијалков смета дека Кривичниот суд не може да донесува осудителна пресуда за повреда на гласачко право спрема обвинетите, а да не се гонат кривично судиите од Управниот суд кој тогаш постапувал по жалба и донел поинаква одлука.
Според обвинението во предметот „Титаник 2“ поранешниот шеф на УБК, Мијалков во 2013-та година му нарачал на Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев. Со претходната пресуда, Мијалков беше осуден на тригодишна затворска казна, Тачи на три години и два месеци, а Ибраими на нешто повеќе од четири години.
Фиљана Кока
