Полска е подготвена да и испрати воена помош на Украина
Полска размислува да ѝ испрати тенкови на Украина и без формална дозвола на Германија. Европското лидерство со критика за нерешителноста на Берлин. Кремљ го предупреди Западот, „ако испратите тенкови, за тоа ќе плати украинскиот народ“...

Полска гради коалиција на држави подготвени да испратат тенкови „Леопард 2“ од германско производство во Украина, дури и Берлин да не даде формално зелено светло за транспортот.
„Постојано вршиме притисок врз Владата на Берлин за да ни дадат 350 активни тенкови и околу 200 за магацините. Контактираме со сите земји кои имаат тенкови „Леопард“, но ќе комуницираме и со партнерите кои имаат други типови на модерни тенкови“, изјави премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки.
Германија претходно најави дека нема да ја спречи Полска доколку сака да испрати оклопни возила во Украина.
Имаме правила, правила за извоз и „контрола на крајната употреба“, каде што е потребна дозвола, ако побараат, тогаш нема да застанеме на патот. Знаеме колку се важни овие тенкови, и затоа во моментов разговараме за ова со нашите меѓународни партнери“, истакна министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.
Во меѓувреме, од Германија кон Полска тргнаа првите два конвоја со системите „Патриот“. Крајна дестинација на 40-те возила и 150-те војници е украинскиот град Лавов. Кремљ го предупреди Западот „Ако испратите тенкови, за тоа ќе плати украинскиот народ“.
„Размената на изјави меѓу европските главни градови, вклучувајќи ја и Варшава, кои веќе му се закануваат на Берлин со меѓународна изолација и слично, само покажуваат дека постојано се зголемува нервозата меѓу земјите-членки на Сојузот“, соопшти Димитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Рускиот шеф на дипломатија Лавров не гледа простор за дијалог со Киев.
„Ние го поддржавме предлогот на украинската страна за преговори на почетокот на специјалната воена операција, а до крајот на март во Истанбул, двете делегации ги договорија принципите за решавање на конфликтот. Познато е дека Американците и Британците и некои европски колеги и кажаа на Украина дека е прерано за договор“, истакна Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Европското лидерство незадоволно од нерешителноста на Германија. Франција не ја исклучува можноста за испраќање на тенковите Леклер, но само доколку не се предизвика ескалација на војната. Дел од политичарите на САД сметаат дека треба да ги понудат своите тешки борбени тенкови „Абрамс“ за да ја охрабрат германската поддршка.
Маја С. Филдишев
