Политика

Владата ќе почне консултации за уставните измени

23.01.2023 17:18

Серија разговори со академската област, со невладините, не чекаат тешки одлуки, вели премиерот Ковачевски. Коментира „инцидентот во Охрид дел од сценариото против членство во Унијата“...

За уставните измени Владата ќе ги консултира академиците, бизнис заедницата, невладините организации и институциите. Премиерот Ковачевски најави дека процесот ќе почне наскоро и ќе бидат организирани јавни дебати на кои ќе треба да се слушне мислењето на засегнатите страни. На патот кон полноправно членство во Европската Унија рече дека уставните измени ќе бидат први од низата тешки одлуки, за коишто ќе треба согласност од сите политички чинители.

„Насилство не оправдувам и секогаш ќе го осудам, но ќе ја осудам и секоја провокација којашто ги навредува чувствата на Македонците. Такви провокации се недозволиви“, вака премиерот го коментираше инцидентот во Охрид со претепувањето на Пендиков. Според него, институциите брзо реагирале и верува дека случајот наскоро целосно ќе биде расчистен. Но, препозна и перфиден обид за одвлекување на вниманието од нашата европска иднина.

Ковачевски ја коментираше и изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Милков, за враќање на црните традиции на насилство кои историски се поврзани со Македонија.„

На кои времиња точно мисли, ќе мора да даде самиот министер за надворешни работи на Бугарија“, вели Ковачевски додавајќи дека во државава на врвно ниво е издигнато владеењето на правото и при секој немил настан, вели, институциите реагираат.

 

Викторија Милевска