Совет за безбедност

4-ти февруари, настан со висок безбедносен ризик

23.01.2023 19:50

Има индиции за масовно присуство на бугарски државјани на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4-ти февруари. Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност повика да се избегнат можните безредија. Му порача на бугарскиот министер Милков да ја посети Ваташа...

Настан од висок безбедносен ризик! Вака Советот за безбедност го дефинира претстојното чествување на годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Претседателот Пендаровски рече дека на вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци, институциите не смеат да останат неми.

„Постојат податоци, и оперативни сознанија и во медиумите веќе се презентираат за организирани конвои од Бугарија, од целиот свет кои доаѓаат тука и проценките се дека оваа година, 4 февруари, ако ние, како што велиме-останеме неми и не реагираме како секоја сериозна држава што го прави тоа, ние ќе имаме најголема бројка на луѓе со лоши намери кон Македонија и кон Македонците“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Од границата, па се до местото на чествување, Пендаровски предлага да има контролирани движења исклучиво на луѓе од двете држави кои сакаат да оддадат почит на Делчев. За да се избегнат дополнителни провокации и опасности, претседателот предлага забранет влез за тројца бугари државјани.

„Мој предлог до Владата кој го изнесов и на седницата е согласно одредбите на законот за странци, да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Република Бугарија заради дејствијата кои порано ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава“.

Пендаровски не му остана должен и на министерот за надворешни на Бугарија. Тој му честиташе на Османи што останал присебен и како што рече изреагирал европски, но од говорницата на Водно Пендаровски испрати друга порака до Милков.

„Вели-во Македонија се враќа традицијата на колежи и на стрелања и на насилства. Таа изјава единствено може да биде точна ако мисли на периодот 41-44 и кога ќе има техничкиот министер на Бугарија за надворешни работи слободно веме, може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“.

Пендаровски се надева оти Бугарија нема да посегне по ново вето за земјава. На редовниот состанок на Советот за безбедност било констатирано дека од јули, по усвојувањето на преговарачката рамка, биле активирани структури со активности во Бугарија, а финансиски и организациски поддржани од Русија.

 

Катерина Топалова