Консолидација на земјоделско земјиште
Окрупнување на земјоделските парцели се подготвува за уште едно село во општината Чешиново-Облешево. За распределба на земјиштето на жителите на Чифлик, објавен е тендер за консултантски услуги а целиот проект се реализира со помош меѓународната агенција за храна ФАО...

Се подготвува втората фаза од консолидација на земјоделското земјиште во село Чифлик. Се бара фирма консултант која треба да изврши процена на вредноста, план за распределба на земјиштето и проект за обновување или изградба на земјоделска инфраструктура.
Подрачјето опфаќа 156 хектари расцепкани на 1.260 парцели, со неправилна форма и просечна големина од 0,12 хектари, со 438 сопственици. Атарот на Чифлик се карактеризира со главно рамен терен, со плодна обработлива почва и поволни природни услови за доминантното производство на ориз. Иницијативата е на локалните сопственици кои се заинтересирани за окрупнување на земјиштето.
Целта е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. Исто така, прекројувањето на нивите ќе овозможи поголем на приход и профитабилност по хектар и примена на модерна механизација и производствени технологии.
Краен рок за поднесување на електронска понуда за тендерот е 20 февруари 2023 година.
Финансиската поддршка е обезбедена од фондовите на ЕУ, а активностите ги спроведува Светската организација за храна на обединетите нации – ФАО.
Методија Трајков
