Партии

Дел од помалите коалициски партнери не поддржуваат реконструкција на Владата

24.01.2023 10:31

Помалите коалициски партнери нема да поддржат реконструкција на Владата доколку тоа оди на штета на македонскиот блок во владините структури. Сè ќе се сведе на пазарење со позиции во власта- вели претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов...

Помалите коалициски партнери нема да поддржат реконструкција на Владата доколку тоа оди на штета на македонскиот блок во владините структури, инсистираат да се почитува Рамковниот договор.

Сè ќе се сведе на пазарење со позиции во власта-ова е став на претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов за состанокот во Клубот на пратениците посветен на зголемувањето на собраниското мнозинство.

Значи соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. За тој принцип се залагам. И доколку така се компонира новата влада или реконструирана влада ќе поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сака нов партнер, тогаш треба да отстапи две места. Тоа би било во ред. Но, генерално мислам дека соодветната застапеност значи некаде пет до шест министерски места. Бидејќи така сме поделени, така е конципирано во Уставот за соодветна застапеност на етничките заедници и така треба тоа да се спроведува во пракса, изјави Трајанов.

Од Алтернатива сметаат дека нема потреба да се преговара со Алијанса за Албанците, оценувајќи дека улогата на оваа партија во Владата би била „да го амортизираат расколот во ДУИ“. Од Алтернатива сметаат и дека е логично оној што е во неволја, да отстапи дел од владините ресори што ги води.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Клубот на пратениците одржа работна вечера со лидерите на коалициските партнери. Изјави по средбата немаше, но премиерот Ковачевски на Фејсбук објави дека на работната вечера се разговарало за активностите што треба да се преземат годинава.

Во пријатна атмосфера разговаравме за активностите во претстојната 2023 година, за мерките и политиките на Владата за справување со глобалната енергетска криза, економскиот развој и енергетската транзиција, за имплементација на владината програмата, реформите за европскиот пат и чекорите за обезбедување европска иднината на државата, напиша Ковачевски на Фејсбук.