Финска размислува за влез во НАТО без Шведска
Финска ќе чекори кон НАТО без Шведска. Турција нема да даде зелено светло за оваа нордиска земја. Варшава бара дозвола од Берлин да достави тенкови во Украина. Серија оставки на високи функционери ја тресат владата во Киев...

Финска веројатно ќе продолжи самостојно да чекори на патот кон НАТО откако палењето на Куранот во Стокхолм и пресуди на Шведска во процесот за прием во Алијансата. Турција која досега го условуваше членството на нордиската двојка со предавање на терористите кои, според Анкара, биле засолнети во скандинавските земји, сега категорично ја отфрла можноста Шведска да добие зелено светло.
„Заедничкото членство на двете нордиски земји останува „првата опција“, но очигледно треба да ја процениме ситуацијата. Потребен ни е тајмаут пред да се вратиме на трилатералните разговори со Турција и да видиме до каде сме“, изјави Пека Хаависто, министер за надворешни работи.
Покрај Турција, и Унгарија одбива да им дозволи пристап.
„Јасно е дека тие што дозволиле таква злоба пред нашата амбасада веќе не можат да очекуваат милост од нас во однос на барањето за прием во НАТО“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Шведска и Финска поднесоа барање за членство во мај поради руската инвазија во Украина. Киев и натаму инсистира на воена помош, вклучувајќи и најсовремени тенкови од западните сојузници. Полска веќе испрати барање за дозвола од Берлин за праќање на германските „Леопард 2“. Берлин тврди дека не го попречува патот, но мора да се донесе официјална одлука.
„Мора да обезбедиме потешки и помодерни системи за да украинските сили успеат да ги одбијат руските, и не само да преживеат, туку и да победат, да си ја вратат територијата“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
„Ги охрабрував партнерските земји кои имаат тенкови „Леопард“, кои се оперативни, да почнат со обука на украинските сили. Не им го попречуваме патот“, рече Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.
Донбас, Херсон и Запорожје меѓу најкритичните точки на украинскиот фронт. Според Киев, руските сили деноноќно гранатираат позиции на војската на противникот. Во меѓувреме, серија оставки и смени во Украина. Разрешени се заменик-обвинителот и заменик-министерот за одбрана. Новиот началник на генералштабот на руската армија Герасимов изјави дека новата реформа е одговор на потенцијалното ширење на НАТО. Според новиот план на Москва, еден корпус оди во Карелија, северозападна Русија, на граница со Финска.
Маја С. Филдишев
