САД

Три масовни убиства во Калифорнија за една недела

24.01.2023 14:23

За едно деноноќие осум жртви! Едно лице е убиено, а седум се ранети во пукотница на бензинска пумпа во Оукленд, Калифорнија. Претходно, седум лица беа убиени на две различни локации во заливот Халф Мун, на околу 50 километри јужно од Сан Франциско. Новата година донесе шокантна низа убиства во САД со 39 смртни случаи...

Калифорнија во ужас – три масовни убиства во една недела. За едно деноноќие осум жртви! Едно лице е убиено, а седум се ранети во пукотница на бензинска пумпа во Оукленд, Калифорнија. Претходно, седум лица беа убиени на две различни локации во заливот Халф Мун, на околу 50 километри јужно од Сан Франциско. Жртвите биле пронајдени на фарма за печурки, и во блиската компанија за транспортни возила. 67 годишниот напаѓач Жао Чунли, локален жител со азиско потекло, е приведен. Меѓу жртвите се кинески и латино земјоделци. Дел од работниците живееле во објектот на фармата, а нивните деца најверојатно биле сведоци на пукањето.

„Мотивот за пукањето засега не е познат. Осомничениот е приведен без инциденти, а во неговото возило е пронајден полуавтоматски пиштол. Се верува дека дејствувал сам и дека нема понатамошна закана за оваа заедница.“, рече Кристина Корпус, шериф во округот Сан Матео.

Новиот напад се случи два дена по убиството на 11 лица за време на прославата на Лунарната Нова година во сала за танцување во паркот Монтереј, каде живее азиското малцинство. На 16-ти јануари пак, мајка и нејзиното бебе беа меѓу шесте лица убиени во пукање во дом во Централната долина во Калифорнија. Американскиот претседател Бајден побарал од федералните безбедносни сили да им ја пружат сета можна помош на локалните власти.

„Се чувствувам добро, но имам некои проблеми со спиењето. Би рекол дека моето ментално здравје се опоравува. Се надевам дека и оние луѓе кои беа застрелани исто така безбедно се опоравуваат“, вели Брендон Цај, сведок на нападот во паркот Монтереј.

„Луѓето се плашат. Нашата радосна лунарна новогодишна прослава беше целосно сменета во трагедија и страв. Мораме да се поддржуваме едни со други“, изјави Џуди Чу, конгресменка.

Новата година донесе шокантна низа убиства во САД со 39 смртни случаи. Врховниот суд на САД, изминатата година дозволи носење оружје поради самоодбрана и покрај бројни масовните убиства и длабоката поделеност околу прашањето како да се реши проблемот со вооруженото насилство.

Маријана Димовска