И обиди за смирување и нови провокации
Нема да дозволиме провокациите коишто доаѓаат од трети страни да и наштетат на европската агенда и на билатералните односи со Бугарија, премиерот Ковачевски на средба со евроамбасадорот Гир. Од Софија, Вигенин бара воздржаност од македонските политичари, Џамбаски со нови отровни стрели…

По последната ескалација во односите меѓу Скопје и Софија поради случајот „Пендиков“, заканите од вето, но и повиците за прекинување на провокациите, премиерот Ковачевски смирува. По средбата со евроамбасадорот Гир оценил дека европската агенда нема да биде загрозена.
„Нема да се дозволи, провокациите коишто доаѓаат од трети страни да наштетат на европската агенда на државата и на билатералните односи со Република Бугарија“ – вели Ковачевски.
Но, провокациите не запираат. Откако македонскиот претседател Пендаровски побара европратеникот Џамбаски да биде прогласен за „персона нон грата“, овој со нови отровни стрели-вели, и да ми забранат влез, Македонија била и е Бугарска. Потпретседателот на бугарскиот Парламент, Вигенин од редот на социјалистите повика на воздржаност во изјавите, но од македонските политичари.
„Настаните од последните денови во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија ја потврдуваат исправноста на ставот на БСП да не поддржи укинување на ветото за преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската унија“, изјави Винегин.
По последните случувања порасна загриженоста дали Софија повторно ќе ѝ стави вето на земјава. Според македонскиот дипломат од кариера Срѓан Керим, ЕУ ако сака може да ја спречи Бугарија да не блокира, како во случајот на Словенија со Хрватска.
Амбасадорот Нано Ружин не очекува Бугарија повторно да нè блокира, оти со почетокот на преговорите, ЕУ е надлежна за интегративниот процес.
Останува условот до ноември, кога ќе заврши скринингот да се случат уставните промени за внесување на бугарската заедница.
Ирина Гелевска
