Воен конфликт

Украина добива оружје од западот, Русија се спрема за нов бран агресија

25.01.2023 12:32

По долго колебање, владата во Берлин реши да ѝ достави тенкови „Леопард 2“ на Украина, Вашингтон испраќа „Абрамс“. Русија планира нов бран агресија – предупреди украинскиот претседател Зеленски...

Вооружувањето на Украина добива нов тек. Американската администрација ќе испрати 30 тенкови „Абрамс“ во Киев. Оклопните возила ќе се купат според претстојниот пакет на Иницијативата за безбедносна помош. Во дискусијата за испораката на „Леопард 2“, германската влада реши да ѝ помогне на Украина со 14 „леопарди“ и тим за одржување. Велика Британија прва објави дека ќе испрати 14 тенкови „Челинџер“, а помош во модерни тенкови најавија и Полска и Норвешка.

„Ќе почнеме со тренинзи многу брзо. Првите тенкови Леопард можат да бидат во Украина за околу три месеци. Наша цел е да го поддржиме Киев во борбата за суверенитето и да не влеземе директно во војната“, рече Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.

„Имаме тимови во Киев и овде во Вашингтон кои работат буквално деноноќно за да ги поддржат нашите украински партнери. И помагаме на Украина да го одбрани својот суверенитет и нејзиниот територијален интегритет против оваа тековна агресија“, изјави Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.

Голем дел од помошта испратена во 11-месечната војна беше преку посебна програма која се заснова на акциите на Пентагон за побрза достава на оружје на Украина. Од Кремљ велат дека идејата за испорака на американските и германските борбени машини е „шема на губитници“.

„Јасно е дека таму не оди се мазно. Повторивме дека овие тенкови ќе изгорат исто како и сите други. Тие се многу скапи и сето тоа паѓа и ќе падне на рамениците на европските даночни обврзници. Американците, како и секогаш, ќе останат со добар профит“, вели Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.

Русија планира нов бран на агресија, a почетокот на тој бран веќе се гледа во Донбас. Западните сојузници да ги забрзаат дискусиите за набавка на тенкови и да и го дадат на Украина потребното оружје за да се соочи со руската војска, вели Зеленски.

„Многу се зборува за модерните тенкови што ни се потребни и за тоа како може да се пополни овој дефицит. Но, важно е да се види реалноста, не се пет, ни десет, ниту петнаесет тенкови. Потребата е поголема. Дискусиите треба да се завршат со одлуки за вистинско зајакнување на нашата одбрана од терористите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, руската фрегата „Адмирал Горшков“ изведе вежби со хиперсоничните ракети „Циркон“ во Атлантикот врз симулирани цели на оддалеченост од повеќе од 900 километри, објави Министерството за одбрана.

Маријана Димовска