Лекарска комора

ЛК: Институциите да ги заштитат лекарите од лажно рекламирање лекови

25.01.2023 13:11

Лекарска комора, како професионално здружение на сите доктори по медицина, најостро ги осудува сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами...

Лекарска комора, како професионално здружение на сите доктори по медицина, најостро ги осудува сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување во кои се злоупотребува нивниот идентитет и професионален интегритет.

Во последно време стана зачестена појавата на лажни и манипулативни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи кои се пласираат на интернет. Во вакви огласи и текстови често се појавуваат измислени изјави или интервјуа на вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии што е целосно незаконски. Лекарите не даваат дозвола за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати поради што ова може да се смета за кражба на идентитет, лажно рекламирање и злоупотреба на лични податоци за остварување на материјална корист.

Лекарската комора, од надлежните институции, бара навремено и ажурно да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на овие случаи. Надлежните институции треба да ја интензивираат динамиката со која испитуваат кој, како и за која цел ги поставува овие сомнителни содржини и, согласно утврдената состојба, да ги санкционираат сторителите. Недозволиво е овие случаи да се игнорираат и остануваат без правна разрешница.