Серија торнада на југот од САД, снег во пустински области во Алжир
Серија торнада го опустошија југот на САД. Нема повредени лица, но е предизвикана огромна штета на електродистрибутивниот систем на Пасадена, Хјустон. На другата страна од светот, поинаков климатски предизвик. Оман се соочува со снежно невреме и сибирски температури. Снег и во пустинските области во југозападен Алжир...

Серија торнада го опустошија југот на САД. Нема повредени лица, но е предизвикана огромна штета на електродистрибутивниот систем на Пасадена, Хјустон. Над 100 илјади жители на Тексас останаа без струја во последните 24 часа. Националната метеоролошка агенција издаде предупредување за торнадо, но опасноста почна да се намалува откако овој систем почна да се движи кон истокот.
Од торнадото е уништен и историскиот град Селма. Верниците се собраа со молитва да се заблагодарат за сите кои успеаја да го преживеат невремето на југот на САД.
„Учителите и црковниот секретар ги штитеа бебињата со своите тела од разлетаниот отпад бидејќи во просторијата се урна покривот.“
„Многу е тешко да разбереме како градов претрпе ваков степен на штета, вакво ниво. Многумина од заедницата го загубија животот. Ќе го пребродиме ова, ќе бидеме добро.“
На другата страна од светот, поинаков климатски предизвик. Оман се соочува со снежно невреме и сибирски температури. Снег и во пустинските области во југозападен Алжир. По два сушни месеци во Башар, студениот бран донесе снег, прв во последните 11 години. Затворени се и неколку локални патишта.
Слично и во префектурата Нијагата, Јапонија каде што се измерени дури и двоцифрени температурни вредности под нулата. Снегот ги парализираше речиси сите сегменти од сообраќајот во градот Садо. Во идното деноноќие метеоролозите најавуваат покривка и до 60 сантиметри.
„Невидена белина, одеднаш сè се претвори во бело, ништо не се гледаше.“
Проблеми предизвикани од снегот и силниот ветер и на Балканскиот Полуостров. Јадранското крајбрежје на Хрватска е меѓу најкритичните точки. Привремено беа прекинати сите траектни линии поради што островите останаа отсечени од копното. Властите ги советуваа жителите да ги одложат патувањата.
„Катастрофа, возилото за расчистување на снегот не помина во правец на Риека. Наназад беше полесно, но ова е катастрофа.“
„Вчера имаше снежна покривка од над пола метар.“
Пред неколку дена со поплави се соочија уште пет земји во регионов во кои имаше и жртви.
Маја С. Фидлишев
