Почна собраниската седница за пратенички прашања
На пленарката во фокусот односите со Бугарија, уставните измени и калкулациите за парламентарното мнозинство. Речиси како по правило, опозицијата реагира за неприсуството на поголем дел владини министри...

Последниот четврток во месецот, во Собранието резервиран за пратенички прашања. На пленарката во фокусот односите со Бугарија, уставните измени и калкулациите за парламентарното мнозинство. Речиси како по правило, опозицијата реагира за неприсуството на поголем дел владини министри.
Моето прашање е каде е половина Влада? Седницата почнува со 35 минути задоцнување бидејќи претставниците од Владата не беа тука. Добро е пред почеток на седница да се преброите. Не знам дали ваквиот однос кој го имате кон граѓаните ќе сакате да го пресликате и пред пратениците, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски обвинувајќи го потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски дека нема храброст да му каже на премиерот да ги повика сите претставници од Влада.
Мисовски, пак, рече дека ќе ја продолжи седницата и по 18 часот, поради објективно доцнење и рече оти е единствениот што претседавал со седница и кој на премиерот му го одзел зборот.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, пак, реагираше дека не е коректно одговори на пратенички прашања од минатиот месец да добиваат на денот на седницата.
