Воен конфликт

Киев бара ракети и авиони, Москва продолжува со офанзивата

26.01.2023 12:56

Украинскиот претседател Зеленски бара и ракети и воени авиони од западните сојузници. Москва потегот го оценува како директен влез во конфликтот. Руските сили продолжуваат со офанзивата во Доњецк. Војната влегува во 12-тиот месец...

По германските и американските тенкови, украинскиот претседател Зеленски бара ракети со долг дострел и воени авиони. Се зголемуваат напорите на фронтот, но не и на дипломатски план. Зеленски не е заинтересиран да се сретне со неговиот руски колега Путин за мировни преговори бидејќи смета дека е ирелевантен и дека не се знае кој точно ги носи одлуките во Москва.

„По сеопфатната инвазија, Путин за мене е никој. Јас само сакам да ја прекинат инвазијата и да ја напуштат нашата земја што е можно поскоро. Можам да ви кажам со сигурност – ако ја напуштат нашата територија, војната ќе заврши“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Руските сили продолжуваат со офанзивата во Доњецк. За Москва, снабдувањето на Киев е опасна провокација. Според Кремљ, Зеленски не ги почитува Договорите од Минск и не го реши проблемот со Донбас. Тој се подготвуваше за војна.

„Европските престолнини и Вашингтон постојано велат дека доставата на разните системи оружје никако не значи мешање на овие земји или НАТО во борбите. Ние воопшто не се согласуваме со тоа“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Стејт департментот тврди дека САД не диктираат како ќе се користат тенковите.

„Министерството за одбрана води активен дијалог со украинската војска и колегите за најефикасна постапка со руските окупатори. Но одлуките се суверени, владата во Киев решава кога и како ќе им возврати на руските сили кои им се на суверената територија“, изјави Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.

Белата куќа најави дека процесот на поддршка за Киев ќе потрае.

„Путин треба само да ги повлече трупите од Украина, да стави крај и готово е. Но тој не покажува знаци дека е подготвен за тоа. Ние мора да сме сигурни дека Украина ќе може да успее на фронтот за да може да успее и на преговарачката маса. Тешко е да се предвиди колку долго ќе трае сето ова“, Џон Кирби, советник за национална безбедност на САД.

Руската офанзива влегува во 12. месец. Денеска, повеќе украински градови беа мета на руски ракетни напади.

Маја С. Филдишев