ЕУ

Нова миграциска политика во ЕУ

26.01.2023 14:32

Со новата стратегија за депортација, мигрантите на кои не им е потребна меѓународна заштита мора да се вратат во матичните земји. Планот на Брисел е да се намали небезбедната и неправилната миграција. Според невладините организации, минатата година 2.556 луѓе загинале при обидот да стигнат до Европа. Балканската рута кон ветената Европа исто така со години е кобен пат за мигрантите...

Се менуваат миграциските политики во ЕУ. Со новата стратегија за депортација, мигрантите на кои не им е потребна меѓународна заштита мора да се вратат во матичните земји. Планот на Брисел е да се намали небезбедната и неправилната миграција.

„Лани имавме речиси 300 илјади нерегулирани пристигнувања и еден милион барања за азил, а мнозинството не се квалификувале за азил. Имаме многу ниска стапка на враќање на мигрантите и можеме да направиме значителен напредок за да го зголемиме бројот на враќања кој би бил поефикасен и побрз“, изјави Илва Јохансон, еврокомесар за внатрешни работи.

Новата стратегија главно вклучува побрзи одлуки и поголема размена на податоци меѓу земјите-членки и ФРОНТЕКС. Хуманитарниот прием на бегалците и намалувањето на премините преку опасните рути на Медитеранот што изминатите години однесоа стотици жртви врвен приоритет на Унијата.

„Имаме сериозна ситуација кога станува збор за миграцијата во Европа. Гледаме зголемени нерегуларни пристигнувања. Враќањето на оние на кои им е одбиен азил во Европа е навистина важно прашање“, рече Марија Малмер Стенегард, министерка за миграција.

Претходниот план од 2021 година се фокусираше на доброволно враќање. Унијата, исто така, се обиде да ја искористи визната политика да изврши притисок врз земјите да ги примат назад одбиените баратели на азил.

„Мора да има легални патишта за бегство. Мораме да ги оддалечиме мигрантите од опасните по живот рути преку Медитеранот. Во исто време, кога ќе дојде до нерегуларна миграција да обезбедиме и таму да бидат преземени соодветни мерки“, изјави Ненси Фезер, министерка за внатрешни работи на Германија.

Според невладините организации, минатата година 2.556 луѓе загинале при обидот да стигнат до Европа. Балканската рута кон ветената Европа исто така со години е кобен пат за мигрантите.

Маријана Димовска