Хејгл: Проширувањето на НАТО мора да продолжи

02.05.2014 20:48

Првиот човек на Пентагон, Чак Хејгл поддржува проширувањето на НАТО да продолжи и во наредниот период. Европа не може да биде стабилна доколку не се интегрира и во НАТО и во Европската Унија, оцени американскиот секретар за одбрана во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон…

Веднаш по Конференцијата на Атланскиот Совет, во првото јавно обраќање надвор од Пентагон и американскиот секретар за одбрана, Чак Хејгл се заложи дека проширувањето на НАТО мора да продолжи, особено што ситуацијата во Украина покажува дека интегрирањето е важно за стабилноста на Европа.

На прашање што САД прават за да има ново проширување во септември со Македонија која е блокирана поради Грција, Хејгл одговори:

„Ние ги поддржувавме НАТО и Европската Унија, за да се соединат и да се изградуваат врз основа на заеднички интереси, а не различности. Градиме платформи за заеднички интереси. Дали се согласуваме или не, имаме различности и различни ставови, но никогаш нема мирно да разрешиме проблеми без да изградиме платформи од заеднички интерес. Тоа е целата идеја за коалиција од заеднички интерес по Втората Светска Војна, дали се работи за Обединетите нации, НАТО, ЕУ, ММФ, Светска Банка. Излеговме од лоши ситуација врз основа на заеднички интереси и не влеговме во Трета светска војна што ќе го уништи човештвото. Јас сум охрабрен.“

На самитот во септември освен за ситуацијата со Украина, сојузниците ќе разговараат за подигнувањето на воените буџети на минималните 2% и рационално вложување во силите за брза интервенција.

Чак Хејгл поддржува проширување на НАТО уште од времето кога бил сенатор.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ