Дивоградбите најголема закана за да се сочува статусот на Охрид во УНЕСКО
Дивоградбите не само што го доведуваат во прашање зачувувањето на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, туку претставуваат и повреда на владеењето на правото. Одолговлекувањето со носењето на деталниот урбанистички план за охридското крајбрежје негативно влијае за решавање на овој проблем и им овозможува на некои инвеститори да продолжат со градење во заштитените подрачја…

Дивоградбите во заштитените подрачја се најголема закана за исклучителните универзални вредности коишто ги поседува Охридскиот регион и токму поради тоа УНЕСКО инсистира за што побрзо постапување со бесправно изградените објекти. Загрижува тоа што се доцни со донесувањето на Деталниот урбанистички план за крајбрежјето, процес кој трае веќе две или три години, што според експертите можеби намерно се прави од одредени лица или лоби групи.
„Со донесувањето на овие стратешки документи дури тогаш ќе може да се постапува со бесправно изградените објекти, бидејќи ќе биде прецизирано нивното влијание врз животната средина. Сето тоа се одолговлекува, бидејќи постојат сè уште некои законски недоречености и некоординација меѓу самите институции и на тој начин некои инвеститори го користат тој вакуум за да протнат некои нивни желби и барања“, вели Ѓоко Зороски-инженер по животна средина.
Претставниците на ЕУ во нашата земја велат дека решавањето на прашањето со дивоградбите е важно не само за да се сочува статусот во УНЕСКО, туку и поради владеењето на правото.
„Нелегалното градење мора веднаш да запре, бидејќи претставува повреда на владеењето на правото, особено во подрачје коешто е познато по својата природна убавина, а дивоградбите се закана и тоа е она што УНЕСКО постојано го повторува. Тоа е прашање кое мора да го разрешат судовите, обвинителството, централната и локалната власт“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
Остануваат уште неколку месеци кога УНЕСКО ќе одлучува дали Охридскиот регион ќе го сочува сегашниот статус или ќе се најде на Листата на загрозени подрачја. Времето не е на наша страна, бидејќи досега многупати покажавме дека повеќе сакаме да дискутираме или да усвојуваме документи отколку да реализираме на терен.
Сашо Нелоски
