Бугарија по службен пат ќе бара да се обезбеди пристап на сите Бугари на споменикот на Гоце Делчев
Шефот на бугарската дипломатија Милков најави телефонски разговор со македонскиот премиер. Бугарија по службен пат ќе бара да им се обезбеди пристап на луѓето на чествувањето на Гоце Делчев на 4-ти февруари...

Не стивнуваат реакциите и ставовите по заострување на односите Скопје-Софија. Бугарија по службен пат ќе бара да им се обезбеди пристап на луѓето на чествувањето на Гоце Делчев на 4-ти февруари. Шефот на бугарската дипломатија Милков најави телефонски разговор со македонскиот премиер.
„Еден од главните елементи ќе биде обезбедување на сигурноста на бугарските граѓани воопшто, како и што ќе се случува на 4-ти февруари. Ние сме посветени на деескалација на ситуацијата и нема потреба да се враќаме назад. Доколку Северна Македонија го спречи пристапот на бугарските граѓани, тоа би било без преседан и ќе бара одговор без преседан. Бугарите и луѓето со бугарска самосвест немаат доверба во македонските институции. Поплаките што ги поднесуваат не се разгледуваат или ако се разгледаат, добиваат негативен резултат. Тие стануваат жртви на злоупотреба и закани“, изјави Милков.
Тој нагласи и дека Бугарија нема да стави ново вето на европскиот пат на земјава, бидејќи, како што рече, тоа не е неопходно затоа што Северна Македонија „не ни почнала преговори“.
