Велес

Се зголемува бројот на интервенции на лекарите од службата за итна помош од Велес

28.01.2023 09:01

Зголемен е бројот на лекарски интервенции на службата за итна помош, поради не работата на матичните доктори преку викенд. Голем број на села се без доктор, за постарата популација нема кој да се грижи...

Осетно е зголемен бројот на интервенции на екипите на Итната помош од Здравствен дом Велес, изминатите 12 месеци. Ако во 2021 година имале 26.029, лани имале рекордни 28.865 прегледи. Тоа е по 79 на ден или по 3,3 интервенции на час. Ова се кумулативни бројки за лекарските интервенции и во амбуланта и на терен. Зголемениот број на интервенции биле поради не работата на матичните доктори преку викенд, голем број на села без доктор.

Податоците добиени од Службата за итна помош, покажуваат пораст и на прегледите во амбуланта и на терен. Теренските бројки се однесуваат на населените места од поширокиот велешки регион, во кои влегуваат и соседните општини Чашка и Градско, кога екипите по потреба патуваат и до еден час оддалечените села како Ореше, Папрадиште или Подлес.

Единствена бројка во опаѓање во 2022 е намалениот бројот на повредени при интервенции во сообраќајни несреќи. Имало вкупно 101 повреден. Тука спаѓаат и сообраќајките од делницата на автопатот од Катланово до локалитетот Стоби и обратно. Од службата за Итна помош реагираат и на одреден број лажни телефонски повици, поради кои не можат да стигнат до пациенти на кои навистина им е потребна здравствена нега.

Петар Печков