Сторија

Подводниот свет на Милутин Секулоски-Миќо

28.01.2023 11:07

Познат охридски меѓународен нуркачки инструктор, Милутин Секулоски-Миќо, годинава одбележува 40 години од неговото прво нуркање во езерските води. Се започна како авантура, за да се претвори во богата професионална кариера. Нуркањето од самиот почеток, стана неразделен дел од неговиот живот, исполнет со бројни авантури, но и со сериозни проекти и интервенции од хуман карактер. Тоа е човекот којшто ја откри праисториската наколна населба кај Градиште и над 80 дена го пренуркуваше Охридското езеро од македонска и албанска страна...

Ако во текот на 365 дена имате околу 400 нуркања, а тоа е ваше секојдневие веќе четири децении и згора на тоа во неколку наврати се ја дочекале Новата Година во длабочините на езерото, тоа не е само љубов и страст кон нуркањето како спорт, туку начин на живеење. Тоа за себе може да го каже првиот македонски меѓународен нуркачки инструктор, Милутин Секулоски-Миќо, човек со богата биографија чие име засекогаш ќе биде запаметено по откривањето на праисториската наколна населба кај Градиште врз чии темели е изграден Музејот на вода.

„Најпосетуван музеј во Македонија е Музејот на вода кај Градиште, но мене најповеќе ми годи затоа што јас влегов во сите историски археолошки документи како човек кој ја пронајде таа населба и во чест на тоа подводниот археолошки локалитет го носи моето има-Плоча Миќов град“, изјави Милутин Секулоски Миќо-меѓународен нуркачки инструктор.

Милутин како професионалец ги обучува специјалните единици на АРМ и МВР, бил тим лидер на Дирекцијата за заштита и спасување за подводно деминирање, раководител на единицата за безбедност на вода на Црвениот крст, но сепак како негов најголем подвиг би го издвоиле пренуркувањето на Охридското Езеро, би рекле првиот нуркачки маратон во светот кој траеше над 80 дена.

„Поминав 84 километри и 600 метри, нуркав од 10,15 метри до 50 и некој метар во зависност од конфигурацијата на теренот и направив подводни фотографии и снимање на целото езеро. Но јас сакам да спомнам сето тоа ќе го сублимираме во едно дело кое ќе зборува за мојот животен пат“, додаде Милутин Секулоски Миќо.

Секој ден нуркам, без разлика дали е лето или зима, вели Миќо, посочувајќи дека тоа ќе го прави сè додека го држи здравјето, бидејќи подводниот свет за него е втор дом без кој не може да си го замисли животот.

Сашо Нелоски