Заврши Третата зимска школа на Меѓународниот семинар
Школата започна со интензивна работа во понеделникот, со вкупен фонд од по 30 часа за сите групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште...

Заврши Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во чест на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов. На Школата има над четириесет учесници од четири континенти, а со неа, годинава, почна чествувањето на 100-годишнината на Ацо Шопов.
Се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Школата започна со интензивна работа во понеделникот, со вкупен фонд од по 30 часа за сите групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. Наставата за семинаристите од напреднато рамниште, во целост е посветена на поезијата на Ацо Шопов.
Зимската школа за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Мината година веќе се потврди дека таа ќе прерасне во традиција, во рамките на остварувањето на мисијата за афирмација и развивање на македонистиката на странските универзитетски центри и воопшто во странските културни средини.
