Украина

Нападите врз Украина не престануваат

28.01.2023 12:36

Руските војници се обидуваат да ги пробијат линиите на фронтот на исток и североисток во Украина...

Руските војници се обидуваат да ги пробијат линиите на фронтот на исток и североисток во Украина. Претседателот Зеленски ја опиша ситуацијата како „исклучително тешка“. Руските сили извршиле ракетни и беспилотни напади врз главниот град Киев и врз Одеса на југ, загинаа 11 лица по гранатирањата врз Керсон, Доњецк и Харков.

„Окупаторите не само што ги напаѓаат нашите позиции – тие намерно и ги уништуваат градовите и селата околу нив. Артилерија, авијација, проектили. Руската армија нема недостиг од средства за уништување и може да се запре само со сила, изјави Володимир Зеленски-Претседател на Украина

Европските министри за правда договараат механизми за гонење на воени злосторства извршени за време на руската инвазија во Украина, 14 земји од ЕУ веќе ги истражуваат наводите.

„Војната и агресијата е највисокото меѓународно злосторство. Иако постојат различни правни ограничувања за гонење на кривичното дело агресија, ние мора да се погрижиме овие злосторства да не останат неказнети“, рече Дидие Рејндерс-Еврокомесар за правда.

Францускиот претседател Макрон е еден од ретките западни лидери кои и натаму одржуваат контакт со рускиот претседател Путин по инвазијата врз Украина на 24 февруари минатата година. Тој вели дека ќе продолжи да разговара со Москва и покрај критиките, во исто време, ја повика Кина да ја осуди „империјалистичката војна“.

„Да се дозволи мирот, почитта и стабилноста да останат на целиот континент и да се овозможи заеднички да се решат големите предизвици во моментот. Сите земји мора да се залагаат за една позиција – за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, без оглед на тоа какви пријателства или сојузи одржуваат“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

Во меѓувреме, Руското Министерство за одбрана објави видео-снимка од тенкови на Централниот воен округ кои извршуваат борбени мисии насочени кон уништување на утврдувања, оклопни возила и цели на украинските војници во зоната на специјална воена операција, заедно со операторите на беспилотни летала и извидувачките единици, командантите на тенковите деноноќно го победуваат непријателот, се вели во коментарот на Министерството за одбрана.

Маријана Димовска