Разговори за окрупнување на владиното мнозинство
Ќе се разговара за програмата и условите доколку се прошири владата, а клучно ќе биде прифаќањето на програмските барања дури и на сметка на кадровските решенија...

Средба со премиерот Ковачевски најдоцна во понеделник, потврди за МТВ претседателот на Алијанса за Албанците Таравари. Ќе се разговара за програмата и условите доколку се прошири владата, а клучно ќе биде прифаќањето на програмските барања дури и на сметка на кадровските решенија.
Засега без детали колку министерски места ќе добие Алијанса доколку влезе во извршната власт, Таравари ова го истакна и по одлуката на највисокото партиско тело за формирање на преговарачкиот тим. Опозицијата тврди дека нема да дојде до уставни измени во овој парламентарен состав бидејќи нема да има пратеници од опозицијата кои ќе поддржат отворање на Уставот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, вели дека не добиле мандат од граѓаните за тоа ниту пак им ветиле уставни измени.
Од Социјалдемократскиот Сојуз пак се уверени дека се реални очекувањата да се окрупни мнозинството до потребните 80 пратеници за донесување на уставните измени. Премиерот Ковачевски неколкупати посочи дека секогаш постои можност и потреба да се вклучат нови политички субјекти заради окрупнување на одреден блок кој има визија и цел. Тоа би ја зголемило ефикасноста на работењето на Собранието со оглед на реформските закони коишто се дел од пристапувањето на ЕУ.
Фиљана Кока
