Украина

Руските сили со ракети и беспилотни напади

28.01.2023 17:39

Руските сили извршиле ракетни и беспилотни напади врз главниот град Киев и врз Одеса на југ, загинаа 11 лица по гранатирањата врз Керсон, Доњецк и Харков...

Руските војници се обидуваат да ги пробијат линиите на фронтот на исток и североисток во Украина. Претседателот Зеленски ја опиша ситуацијата како „исклучително тешка“. Руските сили извршиле ракетни и беспилотни напади врз главниот град Киев и врз Одеса на југ, загинаа 11 лица по гранатирањата врз Керсон, Доњецк и Харков.

„Окупаторите не само што ги напаѓаат нашите позиции – тие намерно и ги уништуваат градовите и селата околу нив. Артилерија, авијација, проектили … Руската армија нема недостиг од средства за уништување и може да се запре само со сила“, изјави, Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Руското Министерство за одбрана тврди дека напредуваат во Јужен Доњецк и Запорожје, објавија видео-снимка од тенкови на Централниот воен округ, кои извршуваат борбени мисии насочени кон уништување на утврдувања, оклопни возила и цели на украинските војници.

„Единиците од групата „Восток“ продолжија со успешните офанзивни операции и го неутрализираа непријателот. Уништени се две украински складишта за оружје во Доњецката Народна Република и во Запорожје. Над 30 украински војници, беа убиени долж линијата на фронтот во Доњецк во изминатите 24 часа“, изјави Игор Конашенков-Портпарол на руското Министерство за одбрана.

Европските министри за правда, договараат механизми за гонење на воени злосторства извршени за време на руската инвазија во Украина, 14 земји од ЕУ веќе ги истражуваат наводите.

„Војната и агресијата е највисокото меѓународно злосторство. Иако постојат различни правни ограничувања за гонење на кривичното дело агресија, ние мора да се погрижиме овие злосторства да не останат неказнети“, рече Дидие Рејндерс-Еврокомесар за правда.

Откако Германија соопшти дека ќе донира голем број тенкови и ќе им дозволи на сојузниците на Украина да го сторат истото и Шпанија потврди дека напролет ќе испрати борбени тенкови „Леопард 2“. Покрај европските сојузници, претходно оваа недела, на Киев му беа ветени борбени тенкови и од САД.

Маријана Димовска