Куманово

Североисток: Нови возила и опрема за пожарникарите

29.01.2023 08:56

Нови возила и опрема ќе добијат пожарникарите од Куманово и Ранковце, во рамки на проект кој го реализира Центарот за развој на североисточниот плански регион. Ќе се реконструира и дел од објектот во Куманово, но ќе се изработи и апликација, преку која граѓаните ќе можат навремено да пријават шумски пожар, со точна локација и координати...

Три возила за гасење шумски пожари, опрема за пожарникарите и делумна санација на објектот, кадешто е сместена кумановската противпожарна единица, ќе добијат противпожарните единици од Куманово и Ранковце преку проектот „Заштита и превенција од пожари во микрорегионот, општина Куманово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце, кој го реализира Центарот за развој на североисточниот плански регион. Надлежните се надеваат дека значително ќе се подобрат условите за работа.

„Во проектот е предвидено да се реконструира гаражниот дел од ТППЕ Куманово, да се обезбедат три нови возила за шумски пожари од кои две ќе бидат за ТППЕ Куманово, а едно дадено на ТППЕ Ранковце. Во рамки на проектот се предвидени и комплетно опремување на пожарникарите. Ќе бидат набавени 60 комплети, шлемови, комбинизони за шумски пожари и ќе бидат обезбедни и црева, кои им се потребен дел за интервенции на пожари“-истакна Владимир Павловски, координатор на проект СИПР Куманово.

Во рамки на проектот ќе се изработи и апликација преку која граѓаните ќе можат навремено да пријават шумски пожар со точна локација, координати за да може навремено да се интервенира и да се спаси шумата. Вкупно за проектот се одвоени над 21 милион денари. Средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа и од Швајцарска Агенција за обнова и развој.

 

Елена Георгиевска