Одобрени мерки за граѓаните да носат оружје
Израелскиот безбедносен кабинет одобри мерки со кои на граѓаните ќе им биде дозволено да носат оружје по последните два напада во Ерусалим...

Израелскиот безбедносен кабинет одобри мерки со кои на граѓаните ќе им биде дозволено да носат оружје по последните два напада во Ерусалим, во кои беа убиени седум луѓе.
Според новите мерки, на членовите на семејствата на напаѓачите ќе им се одземаат жителството и социјалните права. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, вети силен и брз одговор на нападите во Источен Ерусалим. Израелската војска исто така најави дека ќе го засили своето присуство на Западен Брег.
„Нашиот одговор ќе биде силен, брз и прецизен. Кој ќе се обиде да не повреди – ние ќе го повредиме него, и секој што ќе му помогне. Веќе извршивме апсења на поддржувачи, помошници и поттикнувачи на терористите“, изјави Бенјамин Нетанјаху-премиер на Израел.
Новите мерки беа најавени ден откако 13-годишен Палестинец тешко рани две лица во Ерусалим, пред да биде застрелан од случаен минувач. Палестинските милитантни групи ги славеа последните напади, но ниедна од нив не ја презеде одговорноста.
