Струга

Труење на кучиња во Струшко и нови напади врз граѓани

29.01.2023 11:04

Проблемот со бездомните кучиња во Струшко кулминира. Активистите алармираат за масовно труење и убивање, од друга страна продолжуваат нападите од агресивни глутници врз граѓаните. Во последните неколку денови регистрирани повеќе напади врз граѓани. Од Општина Струга бараат да престане говорот на омраза на социјалните медиуми, велат се работи на решавање на проблемот...

Кулминира проблемот со бездомните кучиња во Струшко. Во последните неколку денови случени се повеќе напади од агресивни глутници. Од друга страна активистите алармираат за масовно труење на улични кучиња во градот.

Од глутница беше нападната девојка во Струга, која заврши во болница со неколку угризи на раката и ногата. За стравот и траумите отворено зборуваше пред камерата.

„Беа шест кучиња од коишто сите се втрчаа кон мене. Едното ме касна за левата нога, другото за десната рака. Третото ми скокна врз градите и лаеше врз мене. Кучињата имаат огромен замав земено во градов. Јас нема да сум последна жртва, а ниту бев прва“, раскажува Нела Стојаноска нападната стружанка.

Стојаноска вели е голем љубител на кучињата и секогаш била на страната на заштитата, но тие не смеат да бидат на улиците, а граѓаните не може да живеат во страв.

„Навистина сум против убивање јас сум љубител на животни, но сепак човечкиот живот вреди многу повеќе. Институциите овој проблем не го гледаат како проблем, не се замараат воопшто до нив не допира ова“, додава Стојаноска.

Од општината синоќа испратија апел до граѓаните да сопре говорот на омраза на социјалните мрежи и навредите во спротивно ќе има пријави во полиција.

„Ова е еден вид на предупредување да престанете со говорот на омраза, бидејќи во спротивно ќе бидеме принудени да ги пријавиме овие граѓани пред надлежните органи, со една цел, заштита на човечкото достоинство“, предупредија од општината.

После масовното убивање на десетина улични кучиња, пред две недели од локалната најавија дека е распишан тендер за заловување, кастрација /стерилизација и нивно обележување.

Соња Рилковска