Македонија-Бугарија

Демерџиев во Скопје на средба со Спасовски

30.01.2023 08:37

Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев со придружна делегација, денеска, ќе престојува во работна посета на Северна Македонија во рамки на која ќе се сретне со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски...

Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев со придружна делегација, денеска, ќе престојува во работна посета на Северна Македонија во рамки на која ќе се сретне со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На средбата се очекува да се разговара за активностите што треба да се преземат по повод претстојното чествување на 4 февруари – денот на роденденот на Гоце Делчев.

Посетата на Дерменџиев беше најавена во петокот, по телефонскиот разговор на премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, посветен на актуелните случувања во односите меѓу двете земји. Прес-службите на двете Влади соопштија дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, да се одвиваат мирно и непречено.

По седницата на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, минатата недела, шефот на државата Стево Пендаровски на прес – конференција изјави дека според сите проценки одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев – 4 февруари, ќе биде настан од висок безбедносен ризик. Најави дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки за да има мирно и достоинствено одбележување на 151-годишнината од раѓањето на Делчев.