Нелојалната конкуренција- проблем за кумановските пазарџии

03.05.2014 14:03

Импровизирани тезги од картонски кутии и оваа пролет се задолжителен инвентар на троторатите околу зелениот пазар во Куманово. Трговците продаваат на улица, иако внатре во пазарот има над 100 слободни тезги за издавање...

Како се наближува сезоната така расте револтот кај трговците кои платиле тезга под закуп на зелениот и реонскиот пазар. Бараат надлежните да изнајдат итно решение за сузбивање на нелојалната конкуренција.

„Како што можете да видите надвор тие си продаваат, а ние овде си седиме без муштерии...Прошлиот пат кога растоварав стока ме казнија затоа што го правел тоа на улица, паркинот и тротоарите се зафатени од овие што продават на улица и за нив нема казни...“- велат анкетираните тезгаџии во Куманово.

Од Јавното претпријатие Пазаришта велат дека  во повеќе наврати проблемот го алармирале пред градкиот Совет и надлежните инспекции, но се уште нема резултати и најавуваат решенние со изградба на деловен комплекс.

„Свесни сме дека со овој проблем нема уште долго време да излеземе на крај, затоа ние како Ј.П решивме на тоа место кај што продаваат да изградиме дуќани и да ги издаваме.На тој начин ќе ја расчистиме гужвата од диви препродавачи“, изјави Илир Саити- директор на ЈП Пазаришта Куманово.

Повеќе од 10– тина години за Куманово ова е еден од најгорливите  проблеми. Диви пазари на кои нелегално се продава има и на други 20 локации во градот.

Легалните трговци уште повеќе се револтирани против нелојалните препорадавачи, бидејќи во наредниот период ќе треба да плаќаат данок од 5.000 денари на годишно ниво.

 

Габриела Димковиќ